Поранешниот министер за внатрешни работи преку статус на Фејсбук пишува дека АНБ, МВР и Владата дозволиле политичар на црната листа на САД да добие македонско државјанство, Спасовски да превземе одговорност.
-Поголем срам од ова нема. Немаат крај криминалните и корупциски скандали во Министерството за внатрешни работи. Напротив, секојдневно се нижат еден по еден. Од успешна институција, етаблирана во меѓународни рамки Оливер Спасовски со неговиот тим за само за неколку години направи министерство, рекордер по скандали од меѓународни рамки.
Светските и домашните медиуми пренесуваат дека украинскиот политичар со корупциско досие во Киев и со членство на црната американска листа со македонски пасош се шетал низ светот. Станува збор за пасош кој тој го добил како резултат на постапка за добивање македонско државјанство која ги поминала сите филтри и безбедносни проверки во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност и седница на Владата. Поголем срам од ова нема. Патриоти се елиминираат од безбедносниот систем заради фабрикувани негативни безбедносни проверки, а белосветски криминалци позитивно ги минуваат!
За состојбата во безбедносно – разузнавачките институции неодамна пишував во мојата колумна која може да ја прочитате подолу на оваа фејсбук страна, а овој скандал е уште една потврда за ова. Тоа што за врвот на Министерството за внатрешни работи се „успешни безбедноснин реформи“, за граѓаните на Македонија е причина за срам од меѓународни размери.
Уште колку вакви скандали треба да се случат за Оливер Спасовски, конечно да преземе одговорност и да поднесе оставка? Лажни пасоши, партиски вработувања, кражби од магацини на МВР, криминални постапки, мобинг и дискриминација врз колеги, сомнителни тендери… зарем ова не е доволно за одговорност и оставки во Министерството за внатрешни работи?
Доста беше импровизација. Време е да се стави крај на системско, политичко и партиско уништување на полицијата, Министерството за внатрешни работи и останатите институции од безбедносниот систем.
Одговорност мора и сигурно ќе има. Бидете сигурни!, стои во неговиот пост на Фејсбук.