Политикологот д-р Ана Чупеска-Станишковска за Лидер вели дека , промените во сдсмовскиот дел од Владата се должат на промените во самата партија. Одлуката на Заев да поднесе оставка која ДУИ ја дочекле со негодување, по автоматизам не значи целата Влада да поднесе оставка смета Чупеска.
Вели, трансформациите во партиите се нужни за подобрување на општеството и можат да имаат позитивен ефект.
Лидер: Зоран Заев денеска поднесува оставка од премиерската функција во Законодавниот Дом. Како свој наследник и на вчерашниот состанок на иницијативата ,,Отворен Балкан“ Заев го промовираше Димитар Ковечевски. Според Вас, дали новиот состав на Владата кој ќе има нов мандатар, треба да биде со комплетно нови кадри?
Во ДУИ е се поизвесно дека речиси во сите сектори ќе останат постоечките министри. Колку е нов составот на Владата со стари кадри од колаициониот партнер?
-Одлуката на Заев да поднесе оставка од Премиерска функција од ДУИ беше дочекана со несогласување. Но, таа одлука е реалност. За ДУИ таа одлука по автоматизам не значи и дека цела Влада мора да поднесе оставка. Напротив, промените во сдсмовскиот дел од Владата се должат на промените во самата партија, затоа што Заев поднесе оставка и од партиското раководство. Оттука, не е неочекувано што промените во Владата се поврзани доминантно со кадрите на СДСМ.
Тоа се должи на фактот што секоја партија сама за себе одлучува кои кадри ќе ги предложи а потоа следат и коалициски потврдувања и договарања за истите.
Лидер: На што се должи сето ова, ДУИ со децении е константа на политичката сцена, додека двете најголеми партии од македонскиот блок поминуваат низ трансформација која е на штета на функционирањто на институциите и граѓаните?
-Не мислам дека трансформациите во партиите сами по себе се на штета на граѓаните . Напротив, понекогаш тие се нужни токму заради подобрување на општеството. На пример, последните промени во СДСМ во правец на непосредниот избор на нов лидер, давањето оставки на повеќето членови од Влада и од партија – се демократска свежина во земјава. Тоа може да има и позитивен трансформативен ефект врз општеството…
Лидер: Се погласна е позицијата дека се потребни предвремени избори. Дали тие би биле решение или тие се само продолжување на кризата?
-Јас не мислам дека треба да има предвремени избори, тоа е непотребен товар за земјава во ек на енергетска криза, пандемија и преговорите со Бугарија.
Ми се чини дека стабилност е повеќе од нужна сега, вели д-р Ана Чупеска-Станишковска за Лидер.