Кои се луѓето што се дел од новата „реформирана“ СДСМ?

Александар Димитријевиќ, Љупчо Фармаковски, Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ се дел од новото партиско раководство на СДСМ, избрано на вечерашната седница на Централниот одбор на партијата.

Функции, Советодавен совет и кадровска структура

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, информираше дека Александар Димитријевиќ останува генерален секретар, додека Љупчо Фармаковски повторно ќе ја извршува функцијата организациски секретар. Во новиот Извршен одбор, како што соопшти Филипче, влегуваат Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ.
Централниот одбор донел и одлука за формирање Советодавен совет на СДСМ, кој ќе го предводи поранешната потпретседателка на партијата, Ана Чупевска. Филипче потврди дека Фани Каранфиловска Пановска и натаму останува заменик-претседател на СДСМ, а нејзината оставка дополнително треба да биде констатирана на Конгресот.

Најавена директна конфронтација со власта

Според Филипче, новиот Извршен одбор претставува спој на млади и искусни кадри, при што поискусните членови ќе имаат задача да го пренесат своето знаење и искуство на помладите. На прес-конференцијата тој порача дека СДСМ влегува во директна политичка конфронтација со актуелната власт.
„Станува збор за тим кој влегува во храбра и одлучна борба против актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“, изјави Филипче, најавувајќи проширување на партиската платформа и отворање простор за соработка со граѓански организации, независни поединци и интелектуалци. Тој додаде дека СДСМ ќе се спротивстави на политиките на изолација од Европа, корупцијата и криминалот, како и на проектите кои, според него, се штетни за државните интереси.