Повеќе од три децении по соборувањето на филипинскиот диктатор Фердинанд Маркос, неговиот син Фердинанд Маркос Јуниор е фаворит за оваа функција во повеќето анкети пред денешните претседателски избори во земјата.
Како што пренесуваат странските агенции, многу Филипинци свесни за злосторствата и одземањето на човековите права под диктатурата на Маркос Постариот веројатно би се спротивставиле на каква било закана за демократијата или обидот на Маркос Јуниор да го врати имотот конфискуван од неговото семејство како незаконски стекнато богатство.
Се наведува дека победникот на изборите во земја со 67 милиони граѓани со право на глас ќе наследи огромни проблеми, вклучително и економија погодена од пандемијата на коронавирус, длабока сиромаштија и невработеност, како и хиперинфлација поради зголемените цени на нафтата и гасот.
Поранешниот гувернер на покраината, конгресмен и сенатор, 64-годишниот син на покојниот диктатор, го бранеше наследството на својот татко и упорно одбиваше да се извини и да признае злосторства и грабежи за време на диктатурата на неговиот татко. А, за време на кампањата се придржуваше до повикот за национално единство.
Покрај претседателските избори, предложените кандидати ќе се натпреваруваат и за повеќе од 18.000 претставнички места, вклучително и половина од 24-члениот Сенат, повеќе од 300 места во Претставничкиот дом , како и за покраински и локални позиции.