Според истите податоци, односно според математички модел Монте Карло, Циодрас рече дека процените се дека со вакцинацијата се избегнати околу 5.560 хоспитализации на Одделите за интензивна нега и околу 5.530 приклучувања на апарати.

-Ако беше вакцинирано 95 отсто од нашето население до средината на јули, денес ќе имавме 1.200 смртни случаи помалку, истакна Циодрас.

Анализата што денеска ја презентираше истакнатиот грчки епидемиолог, се однесува на ефикасноста на вакцините, правејќи споредба на невакцинирани наспроти целосно вакцинираните во однос на смртните случаи, хоспитализациите на интензивна нега и возраста (над и под 60 години).

Пред појавата на Делта сојот, ефикасноста на вакцините во однос на смртните случаи била од 92 до 98 отсто, а по Делта од 71 до 96 проценти.

Поконкретно, најголема ефикасност, според резултатите, има вакцината на Модерна 98 отсто пред и 96 проценти по Делта сојот.

Потоа е Астра Зенека со 96 отсто ефикасност во однос на смртните случаи пред Делта и 94 проценти по мутацијата што веќе е доминантна во Грција.

Ефикасноста на вакцината на Фајзер, од 92 отсто се намалува на 88 проценти по појавата на Делта исто така во однос на смртните случаи.

Најмала ефикасност во споредба со останатите вакцини има Џонсон и Џонсон, односно 71 процент.

Слични се податоците и за ефикасноста на вакцините (над 90 проценти) и во однос на хоспитализирањата на Одделите за интензивна нега и приклучувањето на апарати.

Овие податоци истакнуваат две важни пораки дека вакцините имаат одлична ефикасност во врска со сериозно заболување, хоспитализирање на интензивна нега и приклучување на апарати, како и во врса со смрт, за сите возрасти. Ја намалуваат опасноста не само за постарите туку и за помладите, истакна Циодрас.