Ставот дека доколку СИРИЗА победи на изборите ќе може да формира Влада со третата партија, односно со ПАСОК, го изрази лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас во интервјуто за неколку грчки локални телевизии, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас истакна дека прашањето „што ќе се случи следниот ден по изборите“ е „прашање за една милијарда“, посочи дека оној што ќе биде прв, „ќе има можност да ја одреди играта на постизборните соработки“, но и да формира Влада
-Ако е СИРИЗА прва ќе има можност да формира прогресивна Влада. Првата со третата партија ќе имаат можност да формираат Влада, врз основа на податоците што ги имаме во наши раце во овој момент, објасни Ципрас.
Според истражувањата на јавното мислење во Грција објавени во изминатиот период, а во пресрет на изборите на 21 мај, Нова демократија е прва, СИРИЗА втора со неколку проценти разлика, а ПАСОК – Движење на промена е на третата позиција. (МИА)