По предлог на Министерството за економски развој, во Црна Гора треба да бидат ограничени максималните малопродажни цени на белиот пченичен леб.

Според тој предлог, цената на белиот пченичен леб од 500 до 600 грама, не смее да биде повисока од 50 центи. За лебот од 300 грама до 400 грама максималната цена ќе биде 40 центи.

Според најавите, како дел од мерката, 70.000 литри масло ќе бидат поделени меѓу 25.000 корисници.

Во црногорските продавници цените на лебот, брашното, маслото, шеќерот, месото, јајцата, млекото минатата година се зголемија, а тоа, според аналитичарите, е последица на растечката светска побарувачка и намаленото производство на сончоглед, житарки и соја, предизвикано од пандемијата на корона вирусот.

Освен програмата за социјални бонови, која претходно ја објави Министерството за финансии и социјална заштита, ова е уште една социјална мерка што решивме соодветно да ја спроведеме со цел да ја одржиме стабилноста на моќта на потрошувачите – велат од ресорот, најавувајќи и мерки за „смирување“ на пазарот.

Социјалниот бон е наменет за граѓаните во состојба на социјална потреба, кои во маркет што ќе биде избран со јавен повик ќе можат да купат стока во вредност од 30, 50 и 100 евра.