Пратка од 800 пакети со храна, 1.700 пакети со хигиена и 4.000 ќебиња е првичната хуманитарна помош што Црвениот крст ќе ја испрати до местата погодени од земјотресот. Финансиски, државата досега помогнала со сума близу еден милион евра, а турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок се надева дека во наредниот период ќе се зголемува паричната помош.
Согласно сите информации што ги добиваме од терен, во текот на вчерашниот ден имавме консултативна средба со повеќе национални друштва и повторно беше истакната потребата од собирање на материјална хуманитарна помош, пред сè во ќебиња, шатори, вреќи за спиење, газиени ламби. Во делот на остатокот на хуманитарна помош, апелираме уште еднаш да се донираат пакети со храна, но сето тоа да биде ново, да биде согласно стандардите за хуманитарна работа. Сведоци бевте на многу иницијативи, но за жал квалитетот на хуманитарна помош не е на задоволително ниво и сето тоа не може да се испрати, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на денешна прес-конференција по повод испраќање хуманитарна помош.
Саити потенцираше дека Црвениот крст останува на располагање за собирање хуманитарна помош, но во рамките на стандардите.
Турскиот амбасадор изрази благодарност до македонските граѓани и државата за организацијата и помошта за настраданите во земјотресот.
Денес сме овде по повод првата помош, што веќе е товарена во два камиони и се состои од 25 тони прехранбени и хигиенски материјали што ќе бидат пренесени на турската полумесечина во Газиантеп. Двата камиони денеска ќе тргнат на пат, а во координација со турската Амбасада и разни невладини организации и компании досега реализиравме испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали, 34 360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори, како и 18 агрегати, информираше амбасадорот, изјави Секизќок.