Болниците во Газа ризикуваат да се претворат во мртовечници без струја – велат од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
Единствената електрана во Газа остана без гориво во средата, а резервните генератори би можеле да престанат да работат за неколку часа, додава Би-Би-Си.
Медицинските центри беа преполни откако Израел воведе „тотална опсада“ на Газа и ја нападна територијата со воздушни и артилериски напади.
Израел вети дека нема да ја врати електричната енергија и нема да дозволи основни ресурси и хуманитарна помош во Газа додека Хамас не ослободи околу 150 заложници што ги киднапираше за време на нападите во саботата.
„Како што Газа ја губи струјата, болниците ја губат електричната енергија, со што се изложени на ризик новороденчињата во инкубатори и постарите пациенти на кислород. Дијализата на бубрезите престана, а рендген не може да се направи“, рече Фабрицио Карбони, директор на МКЦК за регионот.
„Без струја, болниците ризикуваат да се претворат во мртовечници“, предупреди тој, додавајќи дека болниците сè уште работат на генератори, но дека горивото ќе трае само „неколку часа“.
Долги редици се гледаат пред болниците во Газа, а повредените чекаат помош. Потребната медицинска опрема е при крај, здравствените работници апелираат граѓаните да даруваат крв.
Децата, од кои некои се тешко повредени, лежат во болнички кревети и плачат чекајќи да се лекуваат.
Најголемиот јавно здравствен комплекс во Појасот Газа, болницата Ал-Шифа, е „преоптоварен“, изјави тамошниот лекар за Би-Би-Си.
„Тешко дека можеме да се справиме со пациентите“, рече д-р Мохамад Матар, пренесува BBC.