Сопругот на новоизбраната претседателка на Судски совет зел кредит од 1,6 милиони евра од сега веќе пропаднатата Еуростандард банка и не го вратил, а нивната ќерка била вработена во банката, претходно обвинија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

– Претседателката треба да каже кои се членови на нејзиното семејство. Таа во анкетниот лист нема матичен број од нејзиниот сопруг, а потоа тој матичен број мора да се потврди од МВР па понатаму да тече целата постапка. Судијката тоа треба да ни го каже, за понатаму ние да можеме да ја обезбедиме целокупната документација и да обезбедиме какви било заклучоци. Затоа мораме сите чекори да ги одиме по ред, рече денеска Билјана Ивановска, претседателката на комисијата, одговарајќи на новинарско прашање.