Низа критики и забелешки упати поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски за Договорот за пријателство со Бугарија, кој во 2018-тата година го потпишаа тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов. Според Црвенковски, голема грешка е што бил избран терминот „заедничка историја“ и што воопшто била создадена Мешовита историска комисија.
-Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, изјави Бранко Црвенковски – поранешен претседател.
Црвенковски вели односите со Софија биле подобри пред да се потпише Договорот и во одговор на бугарскиот претседател Румен Радев, кој кажа дека нема да дозволи македонизмот да влезе во Унијата, екс-претседателот истакна – ниту можеме, ниту смееме да се откажеме од македонизмот.
Црвенковски порача власта и опозицијата да ја подготват јавноста дека блокадата ќе трае.
-Треба веднаш да се прекине со практиката присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања, водат кон големи разочарувања, рече Бранко Црвенковски – поранешен претседател.
Екс-претседателот го поздрави отпочнувањето на стратешкиот дијалог со САД, додавајќи дека тајмингот во пресрет на очекуваната нова бугарска блокада, не е случаен. Сепак, според него, овој дијалог не може да биде замена за преговорите со Брисел. Црвенковски ги критикуваше и сите институции надлежни за водење надворешна политика.
-Македонија во Вашингтон нема свој амбасадор цели 4-5 години. Тоа е апсолутно неодговорно и недозволиво. Но, има и од лошо-полошо. Република Македонија си дозволи во два наврати да предложи кандидати кои од страна на САД не беа прифатени. Ова е прв таков случај во историјата на независна и суверена македонска државa, изјави Бранко Црвенковски – поранешен претседател.
Црвенковски заклучоците ги даде на трибината „Предизвиците во македонската надворешна политика“ во организација на Советот на амбасадори, каде воедно ја осуди руската агресија над Украина.