Утрово нема активни пожари на отворено, сите седум пријавени биле изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Изминатото деноноќие интервенции имале пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Прилеп, ТППЕ Струмица, ТППЕ Валандово, ТППЕ Гевгелија и ТППЕ Старо Нагоричани.
– Пожарот над село Порој, што беше запален сношти на стемнување, заради ниските температури е самоизгасен. По добиената информација околу 19:00 часот на 112 за пожар над село Порој, од ЦУК биле известени сите надлежни, но не било можно да е интервенира, бидејќи горело високо на непристапен терен и почнала ноќта, а и немало опасност за загрозување на населено место, се наведува во соопштението.
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.
Од ЦУК потсетуваат дека минатиот викенд имало околу 80 пожари на отворено.