Образованието е доведено до колапс, ваква состојба немало ниту еднаш во историјата на Македонија, дури и во најтешките времиња кога била под некакво воено и политичко ропство, не било на ваков перфиден начин образованието уништено, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија, професорот Гоце Цветановски од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.

Тој истакна дека да се чувствувате како роб е тажно и несреќно и не случајно вели дека концепцијата која ја воведуваат е избрзана и непромислена, затоа што оваа реформа се покажа како целосно неуспешна.

– Ако суштината на оваа реформа беше дигитализација, нели претходно требаше да се подготви наставничкиот кадар, да се обезбедат технички услови, секое училиште да има развиена инфраструктура. Не може министерката Царовска во Љубљана да се фали на конференција за успешен концепт, а само едно училиште има стандарди како западните земји. Нека ги земе стандардите на другите училишта, останатите училишта немаат основни средства, смарт таблите кои ги најавија ги нема секаде, а таму каде што ги има, не се знае како се користат, изјави Цветановски.

Тој посочи дека имаме училишта кои функционираат во супстандардни услови, немаат тоалети, да не зборуваме за греење.

– Требаше да се вложи прво во инфраструктура и инфраструктурни проекти во училиштата, да се развиваат и да бидат компитабилни со тоа што сакаме да бидат западни. Веќе е нанесена штетата што една генерација почна со нешто што не требаше да почне, тоа се првоодделенците кои почнаа со експериментите на Мила Царовска, нагласи Цветановски.