„Мијазма“ во 21 век!, реагира епидемиологот Драган Даниловски коментирајќи го проблемот кој Скопје викендов го имаше со оставеното ѓубре и прашува зошто никој – ама баш никој – од надлежните институции не се огласи со ниту еден збор, ,акар со куси препораки до граѓаните за заштита на своето здравје…

Токму кога пандемијата на КОВИД-19 сѐ повеќе почна да се повлекува од свесниот видокруг на нашето секојдневие, наеднаш, се најдовме среде нов предизвик. Додуша, од локален карактер – скопски!
Метрополата, пред три дена, осамна затрупана во ѓубре по улиците, среде лето – небаре е некој средновековен град, кога граѓаните едноставно си го истурале ѓубрето под пенџери.
И под пеколното сонце, почна реа од распаднати органски материи да се шири низ градот, неумоливо продирајќи во секоја пора на градот. И во секоја клетка на сѐ што е живо…
„Мијазма“ во 21 век!
Истовремено, светот – оној свет вон нашиов средновековен меур – крши копја околу придобивките и ризиците од вештачката интелигенција, испитува можности за продолжување на човечкиот век, (наспроти турбуленциите предизвикани од сурова војна среде Европа)…
А ние? Ние се занимаваме со ѓубре! Ќе рече некој… ова е спин-настан, намерно предизвикан да го сврти вниманието од други болни случувања кај нас…
Небитно е и сеедно е која е заднината. „Мијазмата“ е тука. Опиплива и смрдлива! Рај за мачки и кучиња скитници. И за роеви муви. И птици мршојадци. И за глувци и стаорци! Тие, најдени во неверување, наеднаш соочени со можност за гозба, го разнесуваат пленот наоколу. Заедно со причинители на опасни заразни болести… со несогледливи здравствени ризици за жителите на градот.
Велат, „несреќата никогаш не доаѓа сама“. Ќе да е така. За среќа, оваа најновата, срeдновековната, трае(ше) само три дена, а не три години (ако се точни информациите дека причините се надминати). И сигурно ќе стивнат турбуленциите постепено. Мијазмата ќе испари… И ризиците по здравјето ќе избледат…
Но, останува за мене нејасно: Зошто никој – ама баш никој – од надлежните институции не се огласи со ниту еден збор? Макар со куси препораки до граѓаните за заштита на своето здравје…, пишува Даниловски.