Дел од здравствените експерти сметаат дека овој бран ќе го достигне пикот кон крајот на август, други проценуваат дека тоа ќе се случи во периодот меѓу 10-ти и 20-ти октомври.

На 22-ри август минатата година, од 1.733 тестирани биле регистрирани 159 случаи на новозаразени, односно позитивни биле 9,17% од тестираните. Починале 6 лица.

На 22-ри август оваа година, од 6.591 тестирани, регистрирани се 882 нови случаи, односно, 13,38% од тестираните, што е за 5% повеќе во однос на истиот датум минатата година. Починаа 14 лица.

Генерално, минатиот август процентот на новозаразени бил под или околу 10% од тестираните, во време кога немаше вакцини. Овој август тој е процент е повисок и покрај тоа што заклучно со 21-ви август со прва доза биле вакцинирани 652.340 граѓани, бројот на ревакцинирани достигна половина милион, а голем број лица имаат стекнато имунитет по прележан Ковид-19. Зошто по сето тоа процентите на новозаразени сега растат?

„Минатата година немаше забави и свадби во затворен простор“, вели д-р Никола Пановски, микробиолог и поранешен директор на Фондот за здравство.

Тој објаснува како Комијата за заразни болести требало да реагира.

„Деновиве медиумите пренесоа изјава на лице од Комисијата за заразни болести, со став дека во Комисијата сметале оти не требало да се доволи такво нешто. Зошто не реагирале веднаш? Јас да сум во Комисијата ќе се спротивставам, јавно ќе кажам. Да не беше таа изјава, немаше да знаеме дека Владата не ги послушала нивните препораки да не се дозволуваат свадби во затворени простории во текот на летото. За жал, вирусот со сите почести е пречекан од нашите власти, но и од неодговорноста на граѓаните. Немаше ни контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на Делта сојот. Немаше ни реципроцитет во мерките. Ние за патување во Грција и Бугарија требаше да се тестираме, а не и тие за влез кај нас, во време кога во Грција имаше и по 5.000 регистрирани случаи на ден“, укажува д-р Пановски.