На масовниот собир „Да го обединиме Кралството“ што го организираше крајнодесничарскиот активист Томи Робинсон во Лондон, полицијата приведе 25 лица, а во судирите беа повредени 26 припадници на редарството.
Според соопштението на Лондонската полиција, демонстрантите покажале „значителна агресија“. Бројот на присутни се движел меѓу 110.000 и 150.000 луѓе, што е далеку повеќе од очекувањата.
Полицајците биле нападнати со тупаници и шутеви, а кон нив летале шишиња, факели и други предмети. Четворица од нив се тешко повредени – со скршени заби, сомнеж за фрактура на нос, потрес на мозок, испаднат диск и повреда на глава.
Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд ги осуди нападите и најави дека сите кои учествувале во насилството ќе се соочат со „целата сила на законот“.
Паралелно со главниот протест, околу 5.000 луѓе се собраа на контрапротестот „Стани против расизмот“. Двете групи беа физички одвоени со силно полициско присуство.