Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција објави дека нема ниту намера ниту потреба да му се извини на Зоран Заев, туку дека напротив очекува Заев да и се извини на македонската јавност, за сите милионски криминали што ги има правено и да се извини за сите национални предавства и понижувања.

-Апсолутно немам намера, ниту чувствувам потреба да му се извинам на Зоран Заев. Напротив, очекувам Зоран Заев да ѝ се извини на целокупната македонска јавност за сите милионски криминали коишто ги има правено и да се извини за сите национални предавства и понижувања. Она што е индикативно во неговото излегување во јавноста е тоа што, иако демонтира и вели дека немал никаква врска со овој случај со марихуана, сепак во тоа негово писание, кажува дека ова било режирана драма и дека запленетата марихуана била наводно запленетата заради несоодветно чување и складирање, со што директно се става во одбрана на оние коишто се осомничени во овој случај, рече тој.

Дополнително, посочи пратеникот, Зоран Заев треба да одговори на македонската јавност, затоа што имаше јавни сведоштва за тоа како гради зграда 40 Катница во Дубаи и она коешто треба да го каже, е дали и тој како Венко Филипче ќе оперира, па затоа добил златна виза за Дубаи.

-Оваа нервоза на Зоран Заев е само доказ дека клопчето се размотува, дека обрачот околу Заеви се стега и дека наскоро ќе има правда во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е продолжува со борбата против криминалот и корупцијата во Македонија, вели Петрушевски.