Јавното обвинителство на Република Северна Македонија испрати официјално писмо до Претседателот на Адвокатската комора, во кое остро реагира на, како што наведува, јавните настапи на дел од адвокатите кои го коментираат обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ без да бидат запознаени со доказниот материјал.
Од Обвинителството укажуваат дека ваквото однесување е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, според кој адвокатот е должен да го чува угледот на судот и институциите пред кои се јавува.
„Изнесувањето на неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка наштетува пред сè на угледот на Судот и претставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен, иако судењето воопшто не е започнато,“ се наведува во реакцијата.
Обвинителството потсетува дека во моментов води повеќе активни постапки со десетици обвинети, кои се одвиваат редовно и без застој, а јавните обвинители „се водат единствено од доказите“ и немаат можност да избираат колку обвинети ќе бидат опфатени во случаите.
Особено внимание во дописот е посветено на јавниот настап на адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24, за кој Обвинителството смета дека е пример за „неетички јавен настап“ спротивен на адвокатскиот кодекс.
Во реакцијата се наведува дека таа во емисијата изнела невистини дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал приложен со обвинението, иако според Обвинителството, материјалот бил целосно доставен до Судот и до сите бранители.
„Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или сè уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред Судот онака како што налага Законот за кривична постапка,“ стои во писмото.
Од институцијата додаваат дека јавните настапи со невистини претставуваат недостоен обид за личен публицитет и потсетуваат дека според Кодексот на етика, адвокатите немаат право на вакво „рекламирање“.
Во заклучокот, Обвинителството апелира до Адвокатската комора да внимава на ваквите појави и да повика на почитување на професионалните стандарди, имајќи предвид дека се работи за чувствителен предмет во кој се бара правда за жртвите на кочанската трагедија.
„Како институција нема да дозволиме ниту едно рочиште да се одложи или да биде обременето по вина на јавен обвинител. Обвинителниот акт е потврден од Судот и е стапен на правна сила. Јавното обвинителство ќе ја почитува пресумпцијата на невиност, но ќе инсистира на одговорност за секој сторител,“ се наведува во дописот.