Вицепремиерот и Министер за транспорт потсети дека градската власт е надлежна за рушење на дивоградби и треба
Градската власт е надлежна за рушење на дивоградби, а не Министерството за транспорт и врски, изјави денеска министерот Александар Николоски. Тој реагираше на обвинувањата што градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ги изнесува речиси секојдневно во врска со наводно незаконска градба во општина Чаир.
Министерот појасни дека Министерството за транспорт и врски има надлежност исклучиво за градби од А-категорија, додека градската власт е единствено надлежна за отстранување на дивоградби во урбаните зони од типот на Чаир.
Николоски: Ако има дивоградби, градот треба да преземе конкретни мерки – не медиумски настапи
„Мислам дека е коректно да се информира јавноста дека целосна надлежност има градоначалникот на Град Скопје со соодветната градежна инспекција. Наместо да се прават спектакли, нека излезат на терен, нека утврдат состојби. Доколку има дивоградби – тие треба да се срушат,“ рече Николоски.
Според него, доколку инвеститорот не ги отстрани бесправно изградените објекти, градот треба да распише тендер и да избере фирма што ќе ги сруши, а трошоците да бидат наплатени од инвеститорот.
„Да се поднесе пријава до обвинителството и да се преземе постапка за конфискација на имотот, особено ако е граден на земјиште сопственост на Република Македонија,“ додаде Николоски.
Тој нагласи дека досега не е преземено ништо што е во рамки на законските овластувања.
Министерот изрази сомневање дека непостапувањето на градоначалничката може да биде резултат на политички врски со ДУИ.
„Секојдневни спектакли во јавност, но ниту едно правно дејствие не е преземено. Тоа отвора прашања дали позадината е политичка и дали постои релација меѓу градоначалничката и високи функционери на ДУИ,“ изјави Николоски.