„Да! Тој доаѓа“ или буквално „Toj да! Доаѓа“. Нова, засега неофицијална кампања, е започната во ДУИ. Бројни членови и симпатизери на партијата го споделуваат на социјалните мрежи овој слоган, без да има објаснување за неговото значење. На прв поглед не е тешко да се заклучи дека станува збор за кампања со која ДУИ најавува дека наскоро, за прв пат, Албанец ќе стане премиер во Македонија. Но кога во прашање е ДУИ може да има и изненадувања од друг вид, објавува МКД.мк.

Во моменти кога расколот во ДУИ го достигна својот врв и кога „огнената група“ одржува чести средби со граѓани и освојува простор во медиумите, се чини дека раководството на интегративците, како и во минатото, пронајде интересен слоган кој како маркетиншки трик се очекува да ги зацврстува позициите.

Како пред последните парламентарни избори кога ДУИ истрча со слоганот „Премиер Албанец, зошто не“, а набрзо потоа и истакна кандидат за премиер, што е несвојствено за ваков тип на избори, но се покажа успешно во изборната битка, така сега интегративците за внатрепартиски цели, посегнаа по сличен потег – веројатно најавување на преземање на премиерската функција од страна на Албанец, што би било за првпат во Македонија. А не е неможно зад најновиот слоган да се крие и нешто друго, имајќи предвид дека ДУИ во својата дводецениска историја имала повеќе забележителни изненадувања, а последното беше ребрендирањето во зелена боја што требаше да значи приклучувањето кон светските политички треднови за грижа за животната средина.

Доколку станува збор за најава за премиер – Албанец, тактиката започна од Чаир, токму од бастионот на „огнените“, каде свежо поставениот „координатор“ на огранокот Бујар Османи пред неколку дена најави дека наскоро Албанец ќе биде премиер, со што потсети на договорот со СДСМ од деновите на последното коалицирање. Изјавата на Османи предизвика политички коментари дека ДУИ бара предвремени избори, што потоа беше „дообјаснето“ од вицпермиерот Артан Груби.

Во изјава за косовска телевизија Груби рече дека договорот што бил постигнат меѓу лидерот Али Ахмети и поранешниот премиер Зоран Заев предвидува во последните 100 дена од мандатот на Владата функцијата да ја извршува Албанец.

Груби рече дека тој самиот, иако е прв вицепремиер во Владата, дека нема амбиции да го замени актуелниот премиер Димитар Ковачевски, туку дека изборот ќе го направи лидерот Али Ахмети. Како потврда дека станува збор за цврст договор, Груби истакна дека тоа е потпишано од страна на Ахмети и Заев и дека согласност со „пружена рака“ дал и Ковачевски.