Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека ЕУ со потпишувањето на Бриселскиот договор е гарант дека ќе се формира Заедница на српските општини (ЗСО), но дека сега се прават обиди оваа веќе затворена тема повторно да се отвори, која, како што рече, „Приштина со широки раце ја прифаќа“, јави дописникот на МИА од Белград.

– За Белград е неприфатливо да се враќаме на нешто што е потпишано и договорено само затоа што Брисел и САД се двоумат да го натераат премиерот на привремените институции на Приштина, Албин Курти, да ја исполни обврската, изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.

„Белград нема да падне во таа замка, ниту ќе се согласи битката за превласт меѓу Брисел, Париз, Берлин и Вашингтон да се одвива преку нашиот грб“, рече Дачиќ.

Тој додаде дека сите тие поединечно, а особено обединети, само ако сакаат имаат моќ и механизми да ја натераат Приштина да го испочитува својот дел од Бриселскиот договор.

-Не станува збор само за апели што западните земји ги упатуваа последните денови, бидејќи Приштина досега безброј пати ги игнорираше, изјави Дачиќ за „Новости“.