Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против едно лице осомничено за давање поткуп. Според досега познатите информации, станува збор за Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“ и првообвинет за големата трагедија во Кочани.
Обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка поради сомнение за кривичното дело „давање поткуп“, предвидено во член 358 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот наводно му дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за тоа да изврши службено дејствие што не смеело да го изврши. Според Обвинителството, целта била да му биде обезбедена лиценца за вршење угостителска дејност без воопшто да поднесе барање за нејзино издавање.
Тој, како што се наведува, знаел дека неговиот објект не ги исполнува условите пропишани со закон.
За кривичното дело за кое е осомничен е предвидена затворска казна од една до десет години. Поради опасност од бегство, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог за определување мерка притвор.
При поднесувањето на предлогот било земено предвид и тоа што против осомничениот се води уште една кривична постапка за „тешки дела против општата сигурност“.
Осомничениот досега бил обезбеден како обвинет во друга постапка. Меѓутоа, бидејќи во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а обвинителот од ОЈО ГОКК продолжува да собира докази за дејствијата поврзани со поткупот, било оценето дека ризиците за негово обезбедување се големи.
Поради тоа, обвинителот побарал на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
Јавното обвинителство оценува дека притворот е апсолутно неопходен за обезбедување на присуството на осомничениот, имајќи ги предвид сите околности и основи.
Службеното лице што го примило поткупот веќе е обвинето, а против него се води судска постапка за дејствија на примање поткуп.
