Министерот за здравство наложи инспекциски надзор на државната клиника за гинекологија за починато бебе кој треба да утврди дали имало лекарска грешка. Од клиниката уверуваат дека се преземени сите мерки и постапки за објективна истрага и најавуваат мерки доколку се утрдат пропусти. Скопското обвинителство оформи предмет.

Министерот за здравство, Азир Алиу, нареди вонреден инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а потоа и стручен надзор, во врска со смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство на 1 октомври, за што во јавноста беа објавени документи од интерни изјави дека станува збор за лекарска грешка.

Од Министерството за здравство изразија сочувство до семејството и информираа дека целта на контролите е целосно утврдување на околностите и расветлување на случајот. Посочуваат дека постапката ќе биде спроведена професионално, стручно и транспарентно, со цел јавноста објективно да биде информирана за наодите и за преземените активности. Оттаму апелираат да се почекаат резултатите од инспекцискиот и од стручниот надзор, како и обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртниот исход, за да не се создава немир кај семејството и во јавноста.

„Министерството за здравство, заедно со инспекторатот, ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај и за преземените активности од стручен аспект“, се наведува во соопштението.

Министерството потсетува дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терцијарна здравствена установа со законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи и најави дека јавноста ќе биде навремено информирана по добивањето на сите наоди.

Комисијата за здравство на СДСМ побара итна оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиовска-Папестиев, поради, како што наведува, прикривање случај со смрт на новородено бебе и сомнежи за лекарска грешка.

„Родителите биле уверувани дека смртта била неизбежна, додека интерни документи од Клиниката укажуваат на сериозни пропусти во лекувањето“ – изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.

Според партијата, началничката на интензивна нега писмено пријавила дека несоодветно лекување и 20-минутна реинтубација довеле до компликации и смрт на бебето, а директорката, иако била известена, два месеци не го пријавила случајот. Оттаму бараат целосна и независна истрага и одговорност од сите инволвирани, без разлика на функцијата или хиерархијата.

Извор: Expres