Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи очекуваат границата со Грција по повеќе од една година, да бидат отворени на 14 мај.
Заев денеска во Велес изјави дека министерот за здравство Венко Филипче добил потврда од грчките власти дека се планира границата да биде отворена од 14 мај, со поврда за примена вакцина или со ПЦР тест.
Заев вели дека Грција како членка на Европската унија, сепак, остава одредена резерва, бидејќи ЕУ може да донесе некои други правила.
Отворањето на границата, според него, е многу важно за нас поради економските активности, трговијата, туризмот… Заев очекува од средината на мај слободно да се патува во Грциј како што е во повеќето земји во регионот, а се надева дека по тој пример ќе одат и другите држави од ЕУ.
Шефот на дипломатијата Османи, пак, истакна дека засега нема официјална одлука за денот и начинот на отворање на границите со Грција.
– Очекувам дека сигурно ќе има одредени барања кои што треба граѓаните да ги исполнат за да може да ја поминат границата. Тоа за што ние интензивно разговараме со грчката страна е во однос на транспортните коридори, односно поминување на камионите и новите регулативи за возачите, изјави Османи на денешната прес-конференција во МНР.
Тој посочи дека неделава имал состанок со грчкиот амбасадор, на кој основна тема било да се дефинира терминот и начинот како нашите граѓани ќе може да патуваат во Грција.