Туристичката сезона на охридско-струшката ривиера и годинава започнува со недостаток на кадар. Иако угостителите нудат плати повисоки од просекот – над 30.000 денари за келнери и над 60.000 за готвачи, сепак интересот кај работниците со искуство е мал. СДК направи детална анализа на овој проблем.

Менаџерите на ресторани велат дека се принудени да ангажираат млади без искуство, бидејќи искусните сезонци сѐ почесто избираат Хрватска или други земји, каде платите се неколкукратно повисоки.

  • Нудиме добри услови, но нема кој да работи. Сите што имаа искуство веќе неколку сезони се во странство. Ни остануваат почетници, кои барем имаат шанса добро да заработат и да се обучат – вели менаџер на охридски ресторан.

Минатата година, дел од објектите се обидоа да го решат проблемот со недостаток на кадар со вработување на странски кадар од Турција, Непал, Филипините и Индија, но тоа, според сопствениците, не се покажало како успешно. Јазичната бариера, културните разлики и слабата интеграција доведоа до брзо заминување на голем дел од странските работници. Дали ова решение ќе биде и годинава?

Зголемени плати и засилен интерес кај учениците

Претседателот на Хотелската асоцијација (ХОТАМ), Крсте Блажески, вели дека состојбата е нешто подобра од лани, благодарение на зголемувањето на платите, што, според него, помогнало делумно да се задржи домашниот кадар.

  • Во туризмот сѐ уште има недостиг од работници, но барем веќе ретко кој зема минимална плата. Сепак, државата мора системски да помогне – со подобра инфраструктура и поддршка за индустријата, истакна Блажески.

Од средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“ информираат дека има сѐ поголем интерес за стручно образование. Учениците имаат можност за пракса во реални услови, како и бесплатно сместување и храна во интернатот. Ова, според наставниот кадар, претставува позитивен чекор кон долгорочно решавање на проблемот со недостаток на кадар во угостителството.

Во меѓувреме, Владата инвестира во патната инфраструктура.

За првпат по четири децении: Од Охрид до Свети Наум ќе се вози по нов пат