Во скопскиот Кривичен суд продолжува судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Првообвинет е Љупчо Палевски, заедно со Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
На последното рочиште обвинителката Жаклина Трајковска во кратка содржина пред судот образложи 180 од вкупно 197 докази, кои се однесуваат на локациите каде што биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, како и извештаите од психијатриските вештачења.
Обвинетите уште на првото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
Значаен податок од минатото рочиште е и телефонскиот повик од Палевски кон број во Турција во времето кога била убиена Вања Ѓорчевска.
– Од Палевски кон извесен турски број имало повик од 9 секунди во критичниот период кога е убиена Вања, односно во 8.30 часот – рече обвинителката.
Обвинетиот Палевски во врска со овој доказ праша: „Каде е телефонот во тој момент?“.
Според обвинението четворицата обвинети на 22 ноември 2023 година го грабнале Панче Жежовски од неговиот дом, го однеле во околината на Велес, каде Палевски го убил со пиштол. Му го зеле цитроенот и со возилото на 27 ноември во 7.30 часот ја грабнале Вања Ѓорчевска од влезот на нејзината зграда, ја ставиле во гепекот и ја однеле во околината на Бразда, каде Палевски ја убил со пиштол околу 9 часот.
Во овој случај обвинет е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за помагање во кривичното дело грабнување на неговата ќерка, а дејството го извршил така што на првообвинетиот Палевски му открил информации кога Вања оди сама на училиште.
Мотивот за грабнувањето на Вања, според обвинението, е користољубие, односно сакале за неа да изнудат пари од близок член на семејството, но детето е убиено многу брзо по киднапирањето и никогаш не е побаран откуп.