Весна Дамева е нов претседател на Судскиот совет.. Со 10 гласа „за“ и еден „против“, таа беше избрана во следните две години да раководи со телото кое именува и разрешува судии, пренесува Сител.
Дамева е член на Судскиот совет од 2019та предложена од Претседателот Пендаровски, а според нејзината биографија, таа никогаш не била судија. Работела како стручен соработник во Скопскиот кривичен суд во тимот на судијата Добрила Кацарска. По денешниот избор, Дамева, порача дека во иднина ќе нема повеќе место за корумпирани судии.
Додека траеше изборот на Дамева за прв човек на Судски, во јавноста се појави нејзина фотографија со поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Заев. Таа била дел и од правната комисија на партијата, но денеска тврдеше дека никогаш не била член на политичка партија. Вели, како гласач, секој е симпатизер на одредена партија.
Дамева доаѓа на местото на Црвенковска која минатата недела поднесе оставка.. Функцијата ја напуштила заради притисоци од, како што наведе, судска-бизнис елита. За Дамева засега е нејасно што значела таква кованица на нејзината претходичка, па најави дека ќе побара објаснување од Црвенковска. Ако трпела притисоци, требало да го информира советот, смета новата претседателка на Судскиот совет.
Во меѓувреме, од Владата велат дека се уште приоритет останува борбата против корупцијата. Од нејзиното сузбивање зависи и кога државата ќе стане полноправен член на ЕУ, појаснува германската амбасадорка во земјава.