Данела Арсовска денеска и официјално ќе го преземе градоначалничкиот мандат, кога на свечен чин ќе биде извршено примопредавањето. За првпат од независноста на Македонија, Скопје доби жена градоначалник.
Од прогласувањето на македонската државност пак, Арсовска ќе биде втората жена, која ќе го управува Градот во наредниот 4-годишен мандат, по Вера Ацева која беше негова градоначалничка во далечната во 1948-ма. Како „градска мајка“ на македонската метропола, Арсовска, откако во петокот го доби уверението за избран градоначалник, денеска ќе ја добие и „тапијата“ на Градот.
На Локалните избори 2021 во главниот град, таа, како независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, го победи досегашниот градоначалник Петре Шилегов со 28.130 гласа разлика во вториот круг. Во првиот круг, Арсовска беше во водство од 7.915 гласови, а во вториот круг, разликата беше значително поголема, со предност од 28.130 гласа пред својот противкандидат.
За потсетување, пред да стане градоначалничка, Арсовска менаџираше со Сојузот на стопански комори од 2014 година до сега. Оваа Комора е дел од Светската федерација на стопански комори со повеќе од 12.700 членови и е една од четирите жени носители на таа функција во светот. Инаку, Националниот совет за родова еднаквост на Македонија ја поздрави одлуката на мнозинството граѓани на Скопје да го дадат гласот за Арсовска, со што покажаа родова сензитивност и прогресивност и што конечно Скопје доби жена градоначалничка.