Оџаците на фабриката Усје не го загадуваат Скопје повеќе од законски регулираното, фабриката не придонесува во зголемувањето на ПМ 10 честиците во главниот град, покажува извештајот кој го објави Државниот инспекторат за животна средина, а кој е изготвен по контрола заедно со инспекторите од Град Скопје.

Доколку го погледнете извештајот ќе видите дека таму се вели дека од Усје не доаѓа закана за аерозагадување на главниот град, туку дека била констатирана неправилност во котелот за греење, поради што имало проблеми внатре во просторијата кај котелот на компанијата но не и во атмосферата на главниот град! Во исто време, од фабриката уредно објаснија дека ова се случило поради тоа што заради економската криза греењето било префрлено од природен гас на мазут.

Тезата на градоначалничката Данела Арсовска не и издржа ниту 24 часа, тврдењата за загадување и кривични пријави и паднаа како кула од карти. Се поставува прашањето зошто градоначалничката влезе во овој обид да ги лаже скопјани од каде им доаѓа загадувањето вршејќи атак врз една компанија која постојано поминува ригорозни контроли.

Постојат повеќе теории. Првата е дека градоначалничката е влезена во комбинација со бизнисите за горење ѓубре, кои увезуваат ѓубре од државите во Европската Унија и го горат во скопската околина. Ова е милионски бизнис, за кој со години се истражува од медиумите, но претставува вистинска мистерија за јавноста. Постојат тврдења дека Арсовска влегла во комбинации со овие компании за повторно да се отворат старите канали за горење ѓубре, па сега ја ишка мувата за загадувањето кон Усје. Чудно е што токму овие денови дојде иницијативата за увоз на ѓубре како алтернативно гориво, а во истиот период Арсовска го впери прстот во Усје.

Втората теорија е дека Арсовска соочена со падот на нејзиниот рејтинг и со фактот дека според анкетата на ИРИ најголем дел од скопјани нејзината работа ја оценуваат како крајно лоша, се обидува да направи ПиАр потег напаѓајќи еден правен субјект. Имено, помеѓу скопјани подолго време владее мит дека Усје загадува, па Арсовска возејќи се на таа приказна создава наратив дека се бори против некаков непријател.

Третата теза е дека таа само сакала да направи спин на поразот што и се случи со пропаѓањето на повикот за нови приватни автобуски превозници. Откако ги излажа старите и не им плати милионски суми за она што го сработиле, не се пријави никој. Сакајќи да ја поклопи оваа вест која значи дека и во наредниот период јавниот превоз во главниот град на Македонија нема да функционира, Арсовска почна да брка вештерки.

Периодот пред нас веројатно ќе открие зошто градоначалничката се обиде лажно да прикаже еден извештај кој констатира прекршоци, но не констатира никаква фаталност кон белите дробови на скопјани?