Министерот за одбрана тврди дека жителите на островот ја имаат целата потребна здравствена заштита
Данскиот министер за одбрана, Троелс Лунд Поулсен, изјави дека Данска немала сознанија дека американски болнички брод е на пат кон Гренланд.
„Нема потреба од посебна здравствена интервенција на Гренланд. Владата на Гренланд денес веќе се грижи за тоа, а Данска би интервенирала доколку има потреба од тоа“, порача министерот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, синоќа објави дека заедно со гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, договорил испраќање болнички брод во територијата, која тој често ја споменува како потенцијална за анексија кон САД. Најавата дојде неколку часа откако данската Арктичка команда соопшти дека е евакуиран член на американска подморница, кој побарал итна медицинска помош седум наутички милји од главниот град Нук.
Не е сосема јасно каква улога има гувернерот Ландри во случајот, а американската морнарица располага со два болнички брода – „Мерси“ и „Комфорт“ – но ниту еден не е стациониран во Луизијана.
