Данскиот инвестициски фонд „Ваексткапитал груп“ купил околу 250 станови во изградба на повеќе локации во Скопје. Планот е до крајот на годинава да купат уште најмалку толку, потврдија од фондот за Телма.

Од компанијата велат дека нивната цел е во краток рок да стигнат до портфолио од најмалку 1.000 станови. Не открија дали становите ќе ги продаваат или ќе ги издаваат.

Според Телма, Данците соработуваат со неколку локални агенции за недвижности и директно со инвеститори. Становите ги купуваат уште во рана фаза на изградба, што им овозможува пониска цена.

Дел од соговорниците во Скопје не сакале да го откријат името на фондот поради договори за доверливост, но посочиле дека станува збор за дански инвеститори. На сајтот на „Ваексткапитал“ Македонија е наведена како земја во која имаат инвестиции.

Од фондот велат дека интересот за Македонија се должи на позитивните економски изгледи и атрактивниот пазар за недвижности. Коосновачот Јенс Киндберг изјави дека гледаат потенцијал за раст, слично како во Софија.

„Веруваме дека растечката средна класа и добро образованата младина ќе ја издигнат земјата и сакаме да го поддржиме овој развој“, изјави Киндберг за Телма. Тој додаде дека досега инвестирал лични средства и дека годинава очекуваат да поканат и други инвеститори.

Холдингот е регистриран во Луксембург и има компании во Данска. Преку фирмата „СЕЕ Резиденшал“ веќе инвестираат во Софија, каде што поседуваат повеќе од 260 станови и планираат да стигнат до 1.000 до 2030 година.

Од „Ваексткапитал“ велат дека досега вложиле повеќе од 30 милијарди дански круни, односно над 4 милијарди евра, во над 200 проекти во десетина европски земји. Фондот постои од 1976 година, а инвестира во компании, енергетика, недвижности и други сектори.