Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на детска градинка во Стајковци рече:

-Датумот според предлогот од работните групи во коишто учествуваат сите политички партии е 17-ти. Односно нема промени на датумот којшто е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат е определен 30 дена, може навистина да се заврши и порано и тоа што ќе остане последните три дена затоа што е дефиниран по законот од 1 до 30 септември, а не е од 5 до 25 како што беше прво проектирано, значи има доволно време така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите

Во однос на прагот на поднесување на независните листи, договорено е тој да изнесува два отсто од вкупниот број на избирачи.

-Ако има општината 10 илјади избирачи треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50 илјади избирачи треба илјада потписи да се поднесе независна листа, вели Заев.

Појасни дека преговорите се водеа повеќе од месец дена со учество на сите парламентарни политички партии, при што договорени се и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.

-Апсолутно не се работи за некој договор меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, тука беа и Алијанса, тука беа и Левица ги гледам коментарите, беа сите коишто учествуваа на самиот Предлог-закон, на крајот законот се носи во Собранието и секако таму може да се отвори дебатата што е соодветна. Дефинитивно јас мислам дека таа препорака на ОБСЕ/ОДИХР за да се унифицира прагот на собирање на потписи на сите во процентуален износ е вградена и треба да ги почитуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а за точниот процент тие се аргументите коишто ги соопштија пред мене, вели Заев.

Запрашан за можна коалиција со БЕСА, Заев рече дека тие со сите коалициски партнери ќе имаат некаков вид коалиција заради спецификата на локалните избори, но во вториот круг.

-Значи, ќе имаме навистина општини каде што СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА, не знам помалите парти – турските партии, ЛДП и слично ќе имаат свој кандидат и тоа значи во првиот круг немате коалиција. Во вториот круг кога граѓаните ќе одлучат на кој ќе му дадат шанса да влезе во вториот круг тогаш е логично коалициските партнери на централно ниво да се поддржиме меѓу себе. Така што логично е дека двајца кандидати влегуваат во вториот круг и секако ќе си ја дадеме поддршката едни на други, рече премиерот Зоран Заев.

Тој изјави дека согласно утврдената агендата, оваа година за 2 Август – националниот празник Илинден ќе биде во Пелинце.