„Опсесивната заложба час поскоро да се спроведат уставните измени излегува од секаква рамка на законско функционирање кога станува збор за обезбедување двотретинско мнозинство: се користат дословно сите расположливи средства да се дојде до бројката од 80 пратеници. Во тек е сериозна операција за обезбедување двотретинско мнозинство и на сцена е пазар од најнизок вид, без да се води сметка дали во целата оваа работа има и елементи за кривични дела.“ – вели новинарот Сашо Таневски во анализата со наслов „Поединечните ‘пријателски разговори’ со пратениците мирисаат на кривично дело“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Решенијата за иднината на државата, усвојувани без широка граѓанска и политичка поддршка, не може да бидат одржливи, пренесува Expres.mk.

Проф. Гордана Силјановска-Давкова: Се кршат темелните вредности на Уставот, се нарушува владеењето на правото, се загрозуваат интегритетот и достоинството на пратениците, нивната слобода на мислење и слобода на изразување…

Професорката по уставно право и актуелна пратеничка Гордана Силјановска-Давкова потврдува дека има елементи на кривично дело.

„Тоа е спротивно на начелото на поделба на власта. Тоа го загрозува она, што Уставот во членот 63 го наведува: ‘Се гарантира дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат според сопствено убедување’. Се кршат темелните вредности на Уставот. Се нарушува владеењето на правото. Се загрозуваат интегритетот и достоинството на пратениците, нивната слобода на мислење и слобода на изразување. Под закана е и гласањето на пратениците според сопствено убедување.“ – забележува професорката Силјановска-Давкова, според кои може да се испитува можноста за кривичен прогон.