ДДВ и понатаму е вклучен во цената на производите
Министерството за финансии соопшти дека пратките кои граѓаните ги нарачуваат од платформата „Тему“ и досега содржеле пресметан ДДВ во финалната цена. Како што наведуваат, и по измените на законот, данокот останува вкалкулиран во производот, што значи дека примателите нема да имаат дополнителни трошоци при прием на пратките, ниту нови обврски за уплата.
Шпедитерите ја пренесуваат пресметката на ДДВ кон државата
Од Министерството појаснуваат дека ДДВ кој е пресметан во цената го уплатува овластениот шпедитер или поштенскиот оператор со кој платформата има воспоставено договор. Институцијата повторно нагласува дека измените не го менуваат процесот на прием или царинење на пратките.
Измените имаат за цел поддршка на домашната економија
Собранието ги усвои измените на Законот за ДДВ со кои се укинува ослободувањето од данок за пратки со вредност до 22 евра. Според Министерството, ова претставува значаен чекор кон зајакнување на домашната економија, намалување на злоупотребите и создавање фер пазарни услови. Новите правила, велат од таму, испраќаат јасна порака за поддршка на компании што создаваат додадена вредност, инвестираат и отвораат нови работни места во земјата.
