Од дискусијата, како што соопшти ДКСК, ќе бидат извлечени заклучни согледувања кои понатаму ќе бидат доставени до надлежните институции.
– Една од областите кои се од витално значење за квалитетниот и здрав живот на граѓаните на Република Македонија е чистата и здрава животна средина. Тој факт е вграден и во темелните права на нејзините граѓани, односно во член 43 од Уставот на државата. Сепак, бројни се показателите дека во државата, животната средина е загрозена, а со тоа се загрозени и здравјето и животите на нејзините граѓани, наведуваат од ДКСК.
Оттаму сметаат дека акутен проблем со кој се соочува секторот животна средина е недоследно имплементирање на Законот за управување со отпад, во делот на интегрирано и регионално управување со отпад.
– Ваквата состојба е како последица на тесно партиски интереси, бидејќи со формирањето на регионалните центри за управување со отпад ќе се намалат надлежностите на општинските јавни претпријатија. На тој начин би се намалила можноста за искористување на овие претпријатија за партиски цели, особено во делто на вработувањата, наведуваат од ДКСК.
Од друга страна, додаваат, општинските јавни претпријатија генерално се во многу лоша состојба и неефикасни во управувањето со отпадот, што резултира со сериозно нарушување на животната средина.
На настанот, како што најави ДКСК, ќе се обратат мниистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски, како и претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.