Во Њујорк од денеска нема да има повеќе онлајн часови, и покрај појавата на новата, позаразна делта варијанта на коронавирусот. Заврши и работата на далечина во градот, па денеска околу 300.000 луѓе се вратија на работа. Сите ќе мора да се вакцинираат или да се тестираат еднаш неделно.

Наставниците во училиштата ќе треба да се вакцинираат, без можност да приложат негативни тестови, а рокот за примање на првата доза е 27 септември.

И покрај епидемијата, во Њујорк скоро целата година се одржуваше комбинирана настава, а повеќето родители тогаш избраа децата да учат онлајн, што оваа година нема да постои како опција.

– Нашите деца мора да одат на училиште и неверојатно е што некои деца не ја виделе училницата веќе година и пол, изјави градоначалникот Бил де Бласио.