„Ер Форс 1“, во кој се наоѓаше претседателот Трамп, мораше да се врати во Мериленд кратко по полетувањето поради, како што изјавија претставници на Белата куќа, „мал електричен проблем“. Авионот се упатил кон Давос, Швајцарија, а Трамп го продолжил своето патување со друг авион околу еден час подоцна, објави CBS News. Новинарите известуваат дека светлата во новинарската кабина накратко се изгаснале по полетувањето.

Трамп веројатно ќе пристигне со околу три часа задоцнување на Светскиот економски форум во Давос, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.

„Верувам дека претседателот Трамп ќе доцни околу три часа“, рече Бесент на прес-конференција во Давос, одговарајќи на новинарско прашање за доцнењето на авионот „Ер Форс 1“.

Трамп треба да се обрати пред светските лидери во текот на денот. Според медиумите, на форумот во Давос тој доаѓа со голема делегација од советници и членови на администрацијата.

Како што јави „Би-Би-Си“, во американската делегација се и државниот секретар Марко Рубио, шефицата на кабинетот Сузи Вајлс и нејзиниот заменик Џејмс Блер, како и портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит. Со Трамп во Давос пристигнуваат и политичкиот советник Стивен Милер, како и советникот за национална безбедност Роберт Габриел, кој неодамна беше именуван како последен член на „основачкиот извршен одбор“ на Трамповиот Одбор за мир.