Површината на идното заштитено подрачје заштитен предел-Малешево изнесува 11460,89 хектари со три зони на заштитено подрачје за заштита и унапредување на природата.
– Прогласувањето на дел од Малешево за заштитен предел ќе придонесе кон унапредување на имплементација на Aichi целите од Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD) и другите конвенции за заштита на природата (Bern, CITES, Bonn, Ramsar и др.), за прогрес во исполнување на целите и акциите од Националната стратегија за заштита на природата и од Националната стратегија за биолошка разновидност, како и за прогрес во имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици, унапредување на прекугранична соработка во областа на заштита на природата со Република Бугарија, развој на екотуризмот и локалната економија и др, истакнаа од Влада.
Присуството на бројни, меѓународно и национално значајни видови и живеалишта, значајни локалитети од аспект на геодиверзитетот, културното наследство како и вековната интеракција помеѓу човекот и природата која резултирала со појава на значајна пределска разновидност, го прават Малешево особено вредно за зачувување. Согласно одлуката на Владата, со заштитеното подрачје Малешево интегрирано ќе управува ЈП „Национални Шуми“, а ПЗП ќе обезбеди дополнителна поддршка при изработката на Планот за управување и зајакнување на капацитетите на телото, истакнаа надлежните.
Примената на швајцарското искуство во вакви процеси, како и примената на партиципативен пристап со различни релевантни чинители, како што додадоа придонесоа кон успешноста на овој процес.
– Процесот за прогласување на Малешево за заштитено подрачје се води во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП) и е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од Фармахем од Скопје, додадоа координаторите од општините Берово и Пехчево.
Локалната експертиза во процесот како што додадоа е на Македонското Еколошко Друштво – МЕД, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање – МЖСПП и целните општини Берово и Пехчево.