– Дел од протестаните од вчерашниот трет по ред протест во Белград „Србија против насилството“ останаа ноќеска да го блокираат дел од меѓународниот автопат на Нов Белград, кај Сава центар, јави дописникот на МИА од Белград.
Проевропската опозиција вчера по трет пат одржа масовен протест со учество на повеќе десетици илјади граѓани по повод масовните убиства во Србија, со слоганот „Србија против насилството“.
На него имаше повеќе граѓани од претходните два протести, и според организаторите тоа беше најмасовниот протест во последните години. Протестот се одвиваше во форма на протестна прошетка од Народното собрание до мостот Газела и Бранковиот мост, кои беа блокирани за сообраќај.
Во исто време кога почна протестот во Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на митингот „Србија сонува и соништата ги остварува“ во Панчево изјави дека разговарал со луѓе „од службите“, од кои дознал дека „сестринските служби од исток“ предупредиле дека, кога станува збор за протестот „Србија против насилството“, организиран од дел од опозицијата, дека е можно да се работи за „обоени револуции“.
-Ова се одвратни обиди за злоупотреба на тагата. Како претседател на Републиката, ви велам, на Србија и е доста од вашите револуции, доаѓање на луѓе под странско влијание и уништување на се што е српско, на нашите витални национални интереси, рече Вучиќ.