Општина Делчево ќе уреди парк во чест на Иле Гоцевски, возач во Итната медицинска помош во Кочани, кој несебично учествувал во спасувањето на повредените млади лица по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“.

Спомен-плоча во негова чест

Како што информираше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, во негова чест веќе е поставена спомен-плоча веднаш до влезот на Итната медицинска помош во градот, место што ќе потсетува на неговото херојство и пожртвуваност.

„Со длабока почит се сеќаваме на нашиот сограѓанин Иле Гоцевски, кој утрото на 16 март беше на првата линија во спасувањето на повредените. По 40-часовна напорна и трауматична работа, тој починал на 17 март во својот дом“, напиша градоначалникот во објава на социјалните мрежи.

Несебичен ангажман во најтешките моменти

Според објавата, Гоцевски во текот на акцијата за спасување 11 пати возел до Клиничкиот центар во Скопје, а помагал и во пронаоѓањето и препознавањето на повредените деца.

Од локалната самоуправа посочуваат дека неговиот ангажман останува сведоштво за несебичност, хуманост и професионална посветеност во најтешките моменти.

Вчера пак, се огласи неговата сопруга која се заблагодари на премиерот Мицкоски.

Сопругата на Иле Гоцевски: Во најтешките моменти од мојот живот, никогаш нема да го заборавам гестот на премиерот Мицкоски

Парк како траен симбол на хуманоста

Во негова чест, во дворот на Здравствениот дом во Делчево ќе биде уреден парк што ќе го носи неговото име. Од Општината велат дека просторот ќе биде симболичен потсетник за идните генерации за хуманоста, професионалноста и пожртвуваноста во борбата да се спаси човечки живот.

„Со овој парк испраќаме порака дека вистинските херои се луѓето кои со својата добрина и професионалност оставаат траен белег во општеството“, наведува градоначалникот.

Името на Иле Гоцевски, како што се истакнува, ќе остане запаметено како симбол на тивкото херојство и хуманост.