Делегација од Европска унија, составена од 21 амбасадор на држави членки на ЕУ, а предводена од шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Дејвид Гир, беше во посета на Охрид со цел запознавање со тековните и идни проекти кои би можеле да бидат поддржани од нивна страна.
-Како најзначаен проект беше проектот за изградба на канализациски систем и пречистителна станица за отпадни води во село Трпејца. Презентацијата на проектот ја изврши проф. др. Гоце Тасески од Градежниот факултет во Скопје. Пред присутните амбасадори имав чест да ги презентирам нашите ангажмани во изработка и реализација на проектите меѓу кои се зачувување на автентичниот изглед на централното градско подрачје за кое имаме предвидено унифицирана урбана опрема, за што веќе се предвидени финансиски средства во буџетот на Општина Охрид. Ги запознав и со постапката за реконструкција на плоштадот „Чинар“ и со изработката на проектот за реконструкција на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“. Целта на овие проекти е враќање на некогашниот препознатлив и специфичен лик на градот. Ја истакнав нашата визија за намалување на сообраќајот во централното градско подрачје, за чија цел имаме изготвено проекти за проширување на мрежата на велосипедски патеки, додека во завршна фаза е прибирањето на потребните одобренија за изградба на катна гаража. Со тоа во голема мера ќе се реши метежот во центарот на градот. Ги запознав амбасодорите и со проектите за уредување на просторот од некогашната касарна „Михајло Апостолски“ каде имаме предвидено реализација на централен парк и зона за прошетка и рекреација на граѓаните. Во проектот е вклучено и реконструкција на постојните објекти. Презентирана беше и нашата активност за дислокација на допонијата „Буково“, како и проектите за изградба на нова канализациона мрежа вдолж сливното подрачје на Охридското езеро и за изработка на проекти за водоснабдување на приградските и рурални средини во Охрид, со што би се решил долгогодишен и горлив проблем. Во делот на заштитата на Охридското езеро со гордост можам да кажам дека како градоначалник и како Локална самоуправа ги поминавме сите преговори со компанија која потекнува од земја членка на ЕУ, а ќе инвестира во Охрид во производство на пловни објекти на сончева енергија, електрични мотори и мотори на сончева енергија наменети за пловните објекти. Со реализација на инвестицијата ја започнуваме и наредната фаза, а тоа е постепена проемна на мотороите од веќе постоечките пловни објкети во Охридското езеро со овие нови и незагадувачки мотори. Во насока на зачувување на статусот од УНЕСКО ги истканав нашите заложби кои ги манифестираме преку конкретни проекти, како работење на Планот за управување со Охридското сливно подрачје, заложбите за носење на нов Генерален урбанистички план кој ќе биде во согласност со Планот за управување на Охрид, истакна Пецаков.
Нашата соработка со Делегацијата на ЕУ во Република Македонија е одлична, а како резултат на тоа е имплементацијата на големиот проект „Ohrid GO“ кој целосно е финансиран од Европската унија, додава Пецаков.