Претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, денес, на делегацијата на ЕУ во земјата ѝ реферирал за вчерашниот упад во контролата на летање, но и за сите случувања во М-НАВ. По средбата со претставниците на ЕУ, Тасевски рече дека добил поддршка и од нив, уште еднаш ги повтори барања на Синдикатот и најави дека на 10 јануари ќе го затворат небото над Македонија доколку Владата не постапи како што најави оти повеќе ниеден патник со авион кон и од Македонија не е безбеден, пренесе Макфакс.
„Бевме повикани во канцеларијата на ЕУ само поради вчерашниот напад на контролорот на летање. Очигледно дека и делегацијата на Европската Унија во нашата земја и амбасадорите ревносно ги следат сите случувањана не само во контролата на летање туку и во другите институции. Беа премногу добро запознаени со она што се случува и со сите овие лица што се инволвирани во сите овие настани. Ги разбраа нашите барања за професионализам и рекоа дека тоа се сосема нормални очекувања. Не треба да биде поинаку. Рекоа дека е нѐ следат, ќе ни дадат поддршка, ни стојат на располагање. Жално е што ова веќе одекнува насекаде. Ние моравме да ги известиме преку нашите институции со кои соработуваме, сите синдикати во Европа. Ја известивме светската организација на контролорите на летање, известени се меѓународните организации, како ‘Еуроконтрол’. Ова веќе ги преминува границите на нашата држава бидејќи е очигледно дека во рамките на оваа држава, во рамките на нашите институции, не ја добиваме целосната поддршка за она што треба да се направи за контролата на летање да биде професионална во рамките на некое европско ниво“, рече Тасевски и најави дека европските синдикати се организираат со посета на Македонија да им дадат поддршка.
Тасевски рече дека МВР постапило по нивното барање и од синоќа ја обезбедува нивната зграда оти немаат доверба во нивното обезбедување, кое пропушти четири автомобили и овозможи упад во контролата на летање. Тие доцна синоќа, освен обезбедување, побараа и МВР веднаш да почне постапка за пронаоѓање на учесниците во целиот настан, да ги открие и вработените и лицата што не се вработени кај нив, а учествуваа во нападот. Ги повикуваа тројцата извршни директори во М-НАВ АД Скопје веднаш да си дадат оставки од функциите, пред сѐ, од морални причини поради ескалацијата на состојбата оти покажаа дека не може успешно да раководат со македонската навигација, ниту да ги заштитат своите вработени, како и самиот објект од упад на неовластени лица. Ги повикаа да не чекаат да бидат разрешени, како што доцна синоќа најави Владата.
Тасевски вели дека нивните следни чекори зависат од Владата.
„Очекуваме дека ќе го исполнат она што го најавија преку медиумите, да ги разрешат, да постават соодветни кадри, да ја поведат постапката која ќе констатира дали има потенцијални криминали корупции, што и да е она што е противзаконски направено кај нас. Во случај тоа да не се реализира, решени сме од 10 јануари да го затвориме воздушниот простор над Македонија од причина што веќе не станува збор само за подобрување на работните услови, сега имаме битка што се води за обезбедување и гаранција на безбедноста на секој патник што патува со авион“, најави Тасевски.
Владата доцна синоќа најави дека на следната седница ќе го разреши целото раководство во М-НАВ и ги повика Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување корупција, Управата за финансиска полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќајот да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.