До редакција на Лидер.мк стигна демант од Министерството за надворешни работи околу веста на Македонски Дипломатски Синдикат: Се развртеа телефони од МНР до Апелација.

Нивната реакција ја пренесуваме во продолжение:

Почитувани,

Би сакале да ги демантираме невистините кои се изнесуваат во јавноста, а кои со оглед на зачестеноста очигледно имаат политичка позадина.

Прво, предметните наоди за преструктуирање на неколку дипломати се донесени во јули 2019 година, повеќе од една година пред актуелниот Министер Османи да дојде на чело на дипломатијата во септември 2020 година. Во текот на жалбена постапка, Комисијата која не е во Министерството за надворешни работи, туку во Агенцијата за администрација, им се одбиваат, по што некои од нив поднесуваат тужби на суд.

Онаму каде судот го уважи тужбеното барање, Министерството навремено ги спроведе сите судските одлуки и на дипломатите им беше вратено административното звање; не само што тие се интегрирани во дипломатската работа, туку и поголемиот дел од нив потоа беа упатени и на мандати во дипломатско-конзуларните претставништва.

Во насока на демантирање на целосно неоснованите клеветења, сакаме прецизно да истакнеме дека од именувањето на министерот Османи па до денес нема ниту еден случај на уназадување или распоредување на дипломат во пониско административно звање, и соодветно, Министерството не е соочено со ниту еден нов случај или нова тужба од ваков тип.

Обвинувањата, пак, кон судот, дека не постапува по закон, дека работи под директно влијание, или, пак дека самиот Министер и Министерството вршат влијанија врз судот заради тужби на вработени претставува директна клевета за која секој од повиканите институции и/или поединци можат да поднесат тужба за клевета.