Темата на овогодинешниот Светски ден на планетата Земја е „Инвестирајте во нашата планета“. Зелените инвестиции за одржлива иднина ќе бидат во фокусот на организаторите од мрежата на Earth Day, чија мисија е да ги диверзифицира, едуцира и активира еколошките движења ширум светот.
Повеќе од милијарда луѓе и над 150.000 партнерски организации учествуваат во активности во 192 земји на 22 април секоја година, со што Денот на планетата е најголемиот граѓански настан во светот, соопшти организацијата.
Мрежата Earth Day (Ден на планетата Земја) има намера да вклучи влади, институции, организации, поединци и компании во единствена глобална кампања чија цел е да се надминат ограничувањата наметнати од индустријата и економијата засновани на фосилните горива и да се префрли фокусот на создавање економија на 21 век што ќе ја врати грижата за планетата и живиот свет и ќе отворат нови можности за сите, изјави претседателката на оваа организација Кетлин Роџерс.
Доколку економијата не реагира веднаш, климатските промени дополнително ќе ја оштетат економијата, ќе ја зголемат сиромаштијата, ќе го одземат профитот и изгледите за работа и ќе влијаат на сите нас, се вели во платформата за Денот на планетата Земја.
Иновациите во јавниот сектор со јавна поддршка ги интензивираат забрзаните и неопходни промени подобро од што било друго. Веќе е познато дека ваквиот бизнис се исплати, се посочува на платформата на Светскиот ден на планетата. Студиите покажаа директна врска помеѓу одржливите деловни практики, цените на акциите и деловните перформанси.
Компаниите кои ги зајакнуваат стандардите за заштита на животната средина, општествената одговорност и корпоративното управување (ESG – еколошки, социјално и корпоративно управување) имаат подобра профитабилност, посилни финансии, посреќни вработени и поотпорни перформанси, според мрежата Earth Day .
Веќе не се работи за избор помеѓу зелен и долгорочен профит, бидејќи одржливоста е патот до просперитетот. Денешниот императив е компаниите од сите големини да преземат акција и да ги прифатат придобивките од зелената економија, како од хуманитарни, така и од деловни причини.
Регулативите и прописите, стимулациите и јавно-приватните партнерства се клучот во рацете на светските влади за трансформација и изградба на зелена економија, оценува мрежата.
Парите зборуваат и кога се во прашање климатските промени. Владите треба да ги охрабрат своите граѓани, бизниси и институции да изградат отпорна иднина и силни зелени деловни практики, не само како етичка, туку и како профитабилна опција.
Глобалната индустрија за фосилни горива добива субвенции од 11 милиони долари секоја минута, што е над 5,9 трилиони долари годишно, а таа сума расте, забележува мрежата Ден на планетата Земја.
Потребно е да се премине кон политики и партнерства кои градат обновлива економија, со цел да се започне револуција за одржливост.
И владите и компаниите и поединците се плашат од промени, но статус кво во модерниот начин на живот се трансформира пред нашите очи, забележува организацијата. Неопходно е да се достигне нето нула емисија на стакленички гасови до средината на векот, со цел да се задржи растот на глобалната температура под 1,5 степени Целзиусови.
Откако Денот на планетата Земја првпат беше прославен во 1970 година, населението се удвои од 3,7 на 7,9 милијарди. Глобалните емисии на јаглерод диоксид се зголемија од 13,7 на 36,3 милијарди тони годишно.
Просечната температура на површината на планетата се зголеми за 0,94 степени Целзиусови. Површината на глечерите се намали од 6,9 на 4,7 милиони квадратни километри, а нивото на морето се зголеми за 12 сантиметри.
Уништена е една петтина од тропските шуми во Амазон, односно околу 743 илјади квадратни километри. Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), над 40.000 видови се загрозени и им се заканува исчезнување. Од нив, 14 отсто се видови птици, 26 проценти се цицачи, а 40 отсто се водоземци, додека во поновата историја 897 животински видови се целосно изумрени и исчезнати.