Нашето балканско присуство не го третиравме како географска осуда, туку како мисија за извоз на стабилност, просперитет, европски тек на целиот регион, Косово, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, изјави министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас за време на расправата во Парламентот за гласање недоверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија говореше за надворешната политика што ја следи Грција, истакнувајќи дека нивното однесување е како однесување на „најважната европска земја на Балканот“ и веќе сите ја третираат така.
Потенцираше дека ако се тргнат настрана снегот и пандемијата, сите треба да бидат горди на земјата, која и покрај проблемите е „современа европска земја“ со голем геополитички потенцијал.
– Земја е столб на безбедност и стабилност, туристичка, инвестициска дестинација. Земја која е кредибилен и конструктивен соговорник на сите, дури и за прашања кои директно не нè засегаат, истакна Дендиас.
Тој се осврна на договорите што Грција ги потпиша со Италија и Египет за одредување на ексклузивната економска зона, на договорот за стратешка соработка со САД, на воениот договор со Франција и договорите со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Детално се задржа на грчко-турските односи, велејќи дека Грција секогаш дејствува во рамки на меѓународното и морското право, за разлика од Турција која „го прекршува националниот воздушен простор, го оспорува суверенитетот на островите, ја продолжува окупацијата на Кипар“.
– Грција не остави ниту една провокација без одговор. Јасно ставивме на знаење дека сакаме конструктивен дијалог и позитивна агенда. Но, врз основа на меѓународното право и меѓународното право на морето. И никој нема право да има илузии за апсолутната волја на Грција да ги брани својот суверенитет и суверените права, порача Дендиас.
Според него, „Турција, за жал, го смени курсот“ и не гледа кон Запад и во европски правец, истакнувајќи дека никој не сака „изолирана, агресивна исламска нео-отоманска Турција“.
Во однос на барањето на опозициската СИРИЗА за гласање недоверба на Владата поради начинот на кој Владата се справи со снежната бура, Дендиас нагласи дека постоеја грешки, но опозицијата не даде никаков предлог за подобрување и за корекција на проблемите.