Единственото нешто што можам да го кажам во моментов, во овие тешки времиња е дека ќе бидеме дел од иднината, помагајќи ви да го реконструирате овој град и да го направите уште поубав, уште подобар, рече министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас на средбата во Одеса со вицепремиерката за европска и евро-атлантска интеграција на Украина Олга Стефанишина и ѝ ја изрази поддршката на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас вчера ја предводеше хуманитарната помош од Грција за Одеса, оттаму соопшти дека повторно ќе започне со работа грчкиот конзулат во градот, а освен со Стефанишина се сретна и со началникот на регионалната воена управа на Одеса, полковник Максим Марченко.

– Според нас, нападот врз еден град е најнеприфатливото нешто, тоа е воено злосторство. На Советот на министри на Европската унија ќе го пренесам она што треба да се пренесе. Ги видов, заедно со градоначалникот, подготовките што се направени за да не се уништи културната традиција на градот. Се надевам, кога ќе дојдам повторно, градот да биде добро, да нема претрпено ниту најмал удар и дека ќе можеме да му помогнеме да има светла иднина, бидејќи има светло минато, рече министерот за надворешни работи на Грција на средбата со Марченко на кој му ја предаде хуманитарната помош.

За посетата на Дендиас на Одеса, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „целта на посетата, покрај пренесување помош, беше и создавање постојан механизам за дистрибуција на хуманитарна помош, средба со припадниците на грчката заедница и повторно отворање на Генералниот конзулат во градот“.