Молитви, пченица и црвено вино за спомен на починатите

Црквата денес го одбележува светиот ден Митровденска задушница, саботата посветена на молитви и спомен за сите починати. Овој ден, според православната традиција, секогаш се паѓа во саботата пред празникот Св. Димитриј – Митровден, и е време кога верниците се собираат за да се помолат за покој на душите на своите најблиски.

На Задушница верниците присуствуваат на литургија и парастос во храмовите, а потоа ги посетуваат гробиштата каде што со пченица, лепче и црвено вино оддаваат помен за своите упокоени. Денот е исполнет со молитви, христијанска скромност и дела на милосрдие, верниците даваат милостина и се молат за мир на душите на сите кои го напуштиле овој свет.

Од воински помен до вселенска молитва

Митровденската задушница има длабоки историски корени. Таа потекнува од XIV век во Русија, кога првично била востановена како помен за православните војници што загинале во битката кај Куликовското поле во 1380 година. По иницијатива на Димитриј Донски, кој ја извојувал победата, Црквата го востановила овој ден како траен спомен за сите паднати војници, а потоа и за сите починати православни христијани.

Со текот на времето, Митровденската задушница станала дел од вселенските родителски саботи, денови кога целата православна заедница се обединува во молитва за вечен мир на душите на сите упокоени.