Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е е 15 септември, денот на Св. маченик Никита.
Свети Никита по потекло беше Гот. Во негово време готскиот кнез Атанарик започна гонење на христијаните во својата област. Меѓу оние што не сакаа да се откажат од Христа се најде и овој свет маченик.
Беше фрлен во оган и на тој начин погубен, но Бог така устрои неговите мошти сепак да останат цели.
А нив ги зеде другарот на Никита, Ма¬ријан, и ги пренесе од готската земја (Влашка и Бесарабија) во областа Киликија во Мала Азија, во градот Мопсуест. Тука неговите чудотворни мошти беа положени во црквата подигната во негов спомен.
А пострада и се прослави овој чудесен маченик во 375 година.
Обичаи и верувања
Обичајот налага дека од денес се започнува со подготвување на зимница со помош на овој светец.
Исто така се верува дека тој кој денес ќе застане на каменот во манастирот Свети Никита, ќе се сврти трипати, ќе се поклони и ќе си замисли желба, моштите на светецот ќе им ја исполни.
Каменот кој помага, ритуал на поврзување
Моќта не е во каменот, моќта е во коските, а тој е само начин да се поврзе верникот со светецот и со Бога. Стоејќи на каменот, верникот полесно се поврзува во Бог и неговата мака, болка или желба полесно ќе биде чуена и решена, исцелена, исполнета, со помош на светите мошти, но и силната верба.
За да еден човек си ја каже маката, се прави еден мал ритуал. Прво човекот влегува во црквата и си пали свеќа. Тогаш клисарот го трга тепихот под кој стои каменот. Човекот застанува со лицето накај олтарот. Се прекрстува, прави круг и се поклонува свртен кон олтарот. И така три пати. Кога ќе заврши последниот круг ја кажува молитвата „оче наш“. На крај си ја кажува маката или желбата.
Исполнети желби
Клисарот раскажува дека ова е единственото место во светот каде може со специфичен ритуал да се поврзат верникот и Господ, каде со помош на моќта на моштите од великомаченикот, му се помага на секој кој има мака.
И наши, и странци, мајки, татковци, деца, илјадници луѓе застане на овој камен и се поклониле, сите со иста цел, моштите да им помогнат. Неодамна дошле четириесет монахињи од Сибир, кои биле восхитени од манастирот.
Една жена, дошла оти не можела да има деца. Стапнала на каменот, ја кажала молитвата и заминала. По една година и четири месеци пак се појавила со машко дете во рацете, закажала крштавка и синот го крстила Никита, по светецот кој и помогна да зачне и да роди.
Еден ерген од соседно село кој не можел невеста дома да донесе, откако се поклонил и ја кажал својата мака, по неколку месеци закажал и свадба, во истата црква.
Најчести посетители на манастирот се мајките со мали деца, кои не можат за зборуваат, да одат, немирно спијат и мократ. Но, откако ќе го направат ритуалот, се враќаат задоволни, се поклонуваат пред иконата оти маките им се решени, децата мирни.
Клисарот насмеано раскажува и за две девојки, кои дошле да побараат помош за да го завршат факултетот. По некое време се вратиле и му кажале дека по толку маки, конечно дипломирале, но побарале повторно да застанат на светиот камен.
Тој им рекол зарем ме лажете, зарем не завршивте, зошто пак сакате да се помолите. Тие му рекле факултетот го завршивме, сега ќе побараме да се омажиме за добри момчиња. Вели дека и пратеници доаѓале, да се помолат пред избори, но тој им велел каменот е за здравје, не е за политика.
Ова се малку од многу исполнети желби, а ако и вие имате некоја и верувате во моќта на големиот Никита чудотворец и великомаченик, тогаш тргнете накај падините на Скопска Црна Гора, каде меѓу старите селски камени куќи и недопрената природа стои манастирот Свети Никита, каде чудата се случуваат, болни оздравуваат.