Разликата во растот на пензиите е 16 пати поголема во тоа што го зголеми оваа влада споредено со тоа што го направи СДСМ, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за растот на платите и пензиите споредно со претходната власт, Мицкоски рече опозициските критики за животниот стандард се само „ПР-трик“ осмислен од консултанти за да се хуманизира опозицијата.
-Но, лошата вест за нив е што тие немаат кредибилитет тоа да го зборуваат, бидејќи имаа седум години можност да го подобрат квалитетот на животот на граѓаните. Тие ги ограбија дополнително и не само што ги ограбија, ги понижија, ги распродадоа – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Теса Енерџи“.
Според Мицкоски, и сега има проблеми и се решаваат, но, како што нагласи, денес многу подобро се живее од пред три години.
-Јас не велам дека сега е совршено. Да, имаме проблеми и ги решаваме. Не велам дека сега тече мед и млеко. Но, тврдам, и тука мора да се сложиме, и се сложуваат граѓаните на сите јавни мерења, дека денес многу подобро се живее од пред три години. Нема веќе банди, нема веќе криминал, нема рекетирање, нема веќе марихуана економија, нема веќе провизии од Лотарија… Нема. Туку се враќаат назад кај граѓаните, се работи за граѓаните. Таа е разликата – изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека глобалните предизвици, како војната во Украина, ескалацијата на блискоисточната криза и нестабилноста во Арапскиот Залив, дополнително го отежнуваат животот насекаде во светот, но дека Владата е мотивирана да ги претвори тие кризи во можност за напредок.
-Јас сум убеден, бидејќи сме мотивирани како никогаш, инспирирани од поддршката на граѓаните, дека за три години ќе биде многу подобро од денес. Да, и тогаш ќе се живее тешко, нема да биде лесно, бидејќи насекаде во светот тешко се живее, имајќи ги предвид предизвиците коишто се случуваат. Гледате, секој ден нешто ново се случува — еве, вчера пресвртот што се случи со Хутите, континуираната ескалација на дејствата во Арапскиот Залив, војната во Украина и така натаму. Ова се предизвици коишто ќе траат, нема да завршат брзо. И ние мораме во сета оваа криза, сето ова да го препознаеме и од ова да извлечеме прилика и можност да одиме напред. Тоа е суштината на оваа Влада и работата на оваа влада – изјави Мицкоски.
