Денеска е Св. Великомаченик Димитриј – Митровден.

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден и се празнува на 8 ноември според новиот календар.

Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, пократкиот ден и студеното време, народот вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Насекаде низ Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари, но и селски старешини, одборници и коџобаџии. Договорите важеле до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На овој ден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала заработувачката и се договарала работата за наредниот период.

Во некои места во Македонија Митровден е домашен празник – се очекуваат гости, се месат лебови, се коле курбан или се одржуваат панаѓури.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал: „Како што ќе биде денот на Митровден – топол, студен или ветровит – такви ќе бидат четириесетте денови по него.“ На друго место тој запишал дека „ако Митровден падне на новина, ќе има тешка зима“.

Светиот великомаченик Димитриј

Овој славен и чудотворен светител се роди во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко. Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа. Го повика, значи, војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор. Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот весел, зашто му претстоеше страдање за Господа. Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот Светител на молитва и го избодија со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, со коешто мнозина болни се излечија. Наскоро над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, беше болен од неизлечлива болест. Им притекна на моштите на Св. Димитриј со молитва и стана наполно здрав. Од благодарност му подигна на Св. Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати. Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: „Застанете и не гибајте!“ И така моштите на Св. Димитриј останаа засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.